Со феноменот на забрзување на темпото на секојдневниот живот, работата и работните обврски најчесто имаат предност пред сѐ друго. Желбата на луѓето за успех и професионално напредување најчесто резултира со занемарување на сопственото здравје и благосостојба. Многу често се наоѓаме себеси како ја ставаме работата над себе и својот приватен живот.
Затоа, многу е важно да имаш хармоничен баланс помеѓу работата и животот; да ја подобриш менталната, емоционалната и физичката благосостојба, а истовремено да се грижиш за својата кариера. Во понатамошниот текст ќе дефинираме што претставува таканаречениот ‘Work-Life Balance’ и преку неколку чекори и совети ќе помогнеме во неговото подобрување.
Што претставува ‘Work-Life Balance’?
‘Work-Life Balance’ е одраз на тоа колку добро можеш да балансираш со своите работни обврски и остатокот од својот приватен живот. Ова вклучува колку време трошиш на задачи поврзани со работата дома, како и колку трае твоето слободно време.
Не постои совршен баланс помеѓу работата и приватниот живот. Сѐ зависи од твоите работни обврски и од тоа како управуваш со своето секојдневие. Сепак, генерално, клучот на ‘Work-Life Balance’ е да не се фаворизира еден аспект повеќе од другиот, и да не се дозволи меѓусебно да си попречуваат.
Денешната технологија овозможува да се работи од каде било, со што идејата за ‘Work-Life Balance’ стана жешка тема. Порано постоеше посебна поделба помеѓу професионалниот и приватниот живот, бидејќи носењето на работата дома беше невообичаено, а понекогаш и невозможно.
Повеќето, ако не и сите луѓе со лоша организација се под постојан стрес. Постојано се чувствуваат како да треба да сработат повеќе за помалку време, предизвикувајќи значителни здравствени и економски проблеми.
Главно прашање во дискусијата за ‘Work-Life Balance’ е кој е одговорен да обезбеди вработените да имаат здрав баланс помеѓу работата и приватниот живот. Вработените кои се под постојан стрес се повеќе склони кон правење грешки и помалку работа; оттука, често се смета дека менаџерите и работодавците треба да бидат тие што ќе ја преземат и оваа должност.
Никогаш не може да биде совршено
Многу ретко некој успева да постигне совршена рамнотежа помеѓу многу зафатениот распоред на работа и желбата за релаксација со саканите во вечерните часови и викенди.
Наместо да се обидуваш да правиш совршена распределба на обврските, обиди се да направиш пореален распоред на текот на еден работен ден. Добро е да поминеш неколку денови фокусирајќи се повеќе на работата, а некои денови повеќе на себе, своето семејство и хоби. Рамнотежата е нешто што се гради со текот на времето. За да ја пронајдеш рамнотежата, важно е да бидеш подготвен да ги согледаш своите потреби и да ги промениш било кој ден.
Возбудлива работа
Работата не треба да го кочи развојот на твојот карактер. Тие треба да се развивааат паралелно. Факт е дека не можеш да бидеш среќен ако не уживаш во тоа што го работиш. Сепак, никој не очекува од тебе секој ден да уживаш во твојата работа, но дури и во такви денови работата да ја завршиш правилно, со позитивен став, кој на крајот од работното време ќе ти донесе само поголемо задоволство и уживање во слободното време, како и искуство плус за во слични денови.
Дајте приоритет на своето здравје
Твојот приоритет треба да биде твојата сопствена ментална, емоционална и физичка благосостојба повеќе од работата. Ако секојдневно се преоптоваруваш со работа, никогаш нема да се подобриш како лидер, постојано ќе тапкаш во место и секогаш ќе ти треба дополнително време за одмор.
Во повеќето случаи, приоритетот на здравјето не се состои од екстремни или радикални активности и може да биде едноставно, како секојдневно вежбање, медитација или гледање епизода од омилената серија.
Заклучок
Не плаши се да се исклучиш, а понекогаш и да ги прекинеш врските со надворешниот свет на начин што ќе ти овозможи да се опоравиш од стресот и што ќе ти даде простор за појава на други мисли и идеи. Како лидер, треба истото да им го обезбедиш и на своите вработени, односно да им го дадеш потребниот простор што им е потребен за да ја зголемат нивната продуктивност.